Бугарски интелектуалци против бугарскиот меморандум: „Европа не нè разбира”

Научници од Бугарија преку отворено писмо укажаа на официјална Софија дека не се согласува со меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија во кој се негираше македонската историја и јазик. Писмото е потпишано од триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори.

Во писмото „Европа не нè разбира”, што го пренесуваат тамошни портали потписниците инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување” и нагласуваат дека не се согласуваат „Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато”.

Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

-Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија, се вели во писмото.

За тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, велат дека е – неубедливо.

Во врска со постоењето на македонскиот јазик, велат дека тврдењата на Софија за „датумот на раѓање на една нација и јазик се научно непоткрепени и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто“.

 

Претходна вестМоторџија тешко повреден по удар во тротоар
Следна вестБензинот поевтинува, дизелот поскапува