„Мораме да одиме напред за младите да останат овде…“, една е од изјавите на времето кога, пред две години, Драган Тевдовски ја извршуваше функцијата министер за финансии како претставник на СДСМ. Тоа е период во кој советник му беше Бранимир Јовановиќ, период во кој се форсираше примената на прогресивниот данок и на другите економски мерки зад кои стоеше овој тандем на експерти по финансии.
Овој експертско-политички тим имаше повеќе економски цели меќу кои и задржувањето на младите луѓе во Македонија, запирањето на вистинскиот егзодус кој се случува кога е во прашање нивното заминување во странство. Но, ете, од неодамна тие заминаа во странство: Тевдовски е на работа во Вашингтон, Јовановиќ во Виена.
Поминаа неколку денови но уште е тешко да се протолкува нивниот потег. Главниот им концепт за прогресивен данок брзо беше променет со поранешното рамно одданочување. Но, нели младината треба да остане овде и да работи за подигање на Македонија? Или пак веќе не одиме како држава напред како што посакуваа експертите?
Секако тука има и уште едно прашање: како тоа овие двајца не се добри за власта, а се добри за Вашингтон и за Виена?
Скопјани се разочарани од ваквите постапки, но и не жалат многу по заминатите кадри.
-Си отиде од Македонија бившиот министер и неговиот експерт, но не загубивме многу, штом не сакаат да останат во својата земја и да се борат, нека ги учат сега странците за економија, стои на еден Фејсбук пост.
-Редеа патики, кондури, кломпи пред влада, жалеа за младите кои се иселиле, говори држеа како ќе ги бранеле….. Први избегаа…, напиша граѓанин на Твитер.