Вечерва после 20 часот за сообраќај ќе биде отворена реконструираната централна градска улица „11 Октомври“, најави денеска скопскиот градоначалник петре Шилегов. Во објавата на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук тој додаде дека во текот на денот се врши одбележување на коловозот.
-Од утре продолжуваме со вело патеките и тротоарите, наведе тој.
Реконструкцијата на дел од оваа сообраќајница во должина од 250 метри на потегот од крстосницата со булевар „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „Стив Наумов“ почна на 30-ти септември. Градежните работи предизвикаа сообраќаен метеж во градот со оглед на тоа дека се работи за една од најоптоварените улици. Шилегов тогаш најави дека реконструкцијата ќе трае десетина дена и ги замоли скопјаните за трпение.
Планот предвидува на овој потег да се обнови и булеварското зеленило и да се обноват постоечките рабници. Вредноста на проектот изнесува околу 27 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 30 дена.