Сообраќајниот метеж во централното подрачје на Скопје кој особено е засилен последниов период поради реконструкција на улици, се очекува за викендов да биде уште поголем. Имено, во петок, сабота и недела поради снимање на филм, ќе има привремен прекин на сообраќајот на дел од сообраќајниците во централното градско подрачје, информира Министерството за внатрешни работи.
На 16.10.2020 (петок) во времето од 11.00 до 14.00 часот ќе има времен прекин на сообраќајот на ул. “Даме Груев“, а во време од 14.00 до 18.00 часот на ул.„Димитрие Чуповски“,кај автобуската постојка спроти театарот за деца и млади и во времето од 14.00 до 17.00 часот на бул. “ВМРО“ на автобуската постојка пред Пошта на Северна Македонија.
Исто така, на 17.10. (сабота) во времето од 14.00 до 17.00 часот ќе има времен прекин на сообраќајот на бул.„ВМРО“ на истата локација и во времето од 20.00 до 23.00 часот на бул.„Партизански одреди“ (кај првата автобуска постојка од страна на хотел „Дувет“ до пред ул. „Аминта Трети“) во Скопје. И на 18/19.10. (недела/понеделник) во времето од 17.00 до 01.00 часот на ул.„Св. Кирил и Методиј“ од паркинг и автобуска постојка пред влезот на ТЦ „Рамстор“ до НЛБ Банка.
Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на овие сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.