Со стартот на загадувањето, се множат реакции на скопјани како и новинарските вести во обид да се алармираат надлежните да преземат итни чекори. Но, ситуацијата е скоро иста последниве години, односно нема поконкретни акции што ќе покажат резултат, идентично како и загадувањето. Или можеби тоа е уште поголемо.
Во меѓувреме податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ покажуваат дека дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење. На нудените субвенции за инвертери, на извесните можности за замена на стари печки со алтернативен извор на топлина што нема да загадува, пак мнозинството на дрва се грее? Значи ниту скапите Пи Ар кампањи на надлежните не помогнале.
Исто како што ниту опомените во бриселските извештаи за поголема контрола на индустриските капацитети – очигледно не помагаат. Фабриките си тераат, граѓаните прават лути видеа од време на време на социјалните мрежи за да потсетат дека се труеме, но никому ништо. Во коментарите под едно такво видео на Фејсбук стоеше:
-Крстете се ако Бугарија ни стави вето за старт на преговорите, оти со ваков воздух и загаденост самите ќе си бидеме причина за вето, и тоа лично и директно од Брисел! Тогаш кој ќе ви биде виновен?
Добра порака, ако поттикне барем малку да се замислат креаторите на јавни политики и одлуки. За почеток добро е да се контролираат посериозно индустриските капацитети, а и да се набават и поделат бесплатни маски за заштита од ковид 19 и загаден воздух – ги ветија, но никогаш не ги набавија. Не секој има пари за да купи и најобична маска од 10-15 денари.