Голем број од починатите од корона вирусот имале и други хронични заболувања, изјави денеска Венко Филипче, министер за здравство.
-Огромен процент од пациентите имале тешка форма на некоја друга хронична болест, над 85 отсто се со коморбидитети. Голем дел многу доцна доаѓаат во болница. И покрај тоа што некој пациент имал и друга хронична болест, ако имал позитивен тест, тогаш се запишува дека починал од корона вирусот, објасни Филипче.
Тој најави дека 56 приватни интернисти ќе бидат вклучени во системот на дежурства за справувањето со корона вурсот. Утринава е веќе одржан состанок со Лекарската комора, а за в среда закажан е и состанок на кој ќе се разговара за вклучување на приватните интернисти во процесот за справување со коронавирусот.
-Се мобилизираат лекарите. В среда ќе одржиме состанок со приватните интернисти кои се 56 на број. Половина од нив се од Скопје, а останатите од други градови. Ќе разговараме за нивно вклучување во системот на дежурства, најави министерот.
За прием на нови пациенти се подготвуваат две одделенија во ГОБ „8 Септември“, а предложено е проширување на капацитетите и на болницата во Козле, како и отворање на нова лабораторија за тестирање на материјали.
– Ја очекувавме оваа ситуација, слична е состојбата во сите европски земји. Мора луѓето да покажат свесност. Доколку доследно се почитуваат мерките ќе има резултати. Обезбедени се дополнителни тестови на дневно ниво и тоа 350, и тоа 150 во Инститтот за јавно здравје, 100 во лабораторијата во Козле и 100. Најавената помош од НАТО од 60 респиратори ќе пристигнат во петок и ќе бидат распределени по болниците, најави министерот.
Тој изрази надеж дека утре во Собранието ќе бидат изгласани нови законски промени. За други мерки како што е полициски час тој смета дека сега не треба да се имплементираат.