Секојдневните стотици граѓани казнети за неносење заштитни маски до неодамна не предизвикуваше револт кај луѓето, оти навиката за нивно носење кога се повеќе од 4-ца, а нема услови за дистанца или отворен простор, мора да се создаде. Иако, една казна чини 20 евра, а стотици дневно се значителна сума во буџетот, сепак граѓаните не реагираа.
Но, после неколку ситуации на сериозни групирања во клубови и кафулиња, кога инспекторите со чудни изговори не спроведоа санкции за нив, реакциите почнаа. Највеќе дојдоа до израз по погребот на претседателот на Сојуз на Ромите, Амди Бајрам. Имено на погребот беше присутна поворка од околу 300 луѓе, близу застанати и не сите носеа маски. А и самиот Бајрам, по смртта беше дијагностициран како заразен од ковид 19.
-Најзачудувачки е што нас полицијата ни пишува казни за двајца до тројца во автомобил, и тоа ако само едниот не носи маска, а овде пред очите на истата таа полиција 300 луѓе на исто место си истераа погреб! Неверојатно!
-Пред некое време низ медиумите МВР се пофали дека спречиле свадба во една од скопските населби, па како ли го дозволи овој церемонијал? До кога свесно го револтирате народот и за едни сте мајка за други маќеа, а истовремено зборувате за „едно општество за сите“, еднакви права и слично? – коментираат скопјани на споделените информации по социјалните мрежи.
-Полицијата не секаде и не секому пишува казни. затоа и немам доверба дека работи за доброто на сите, напиша скопјанец.
Зошто МВР не реагираше за време на погребот туку беше нем набљудувач и го регулираше сообраќајот околу гробиштата во Бутел? До денеска нема одговор на ова прашање иако и новинарите бараат. Она што пред два дена го соопштија надлежните е дека епидемиолошката анкета одела тешко, оти само дел од најтесното семејство одговорило на прашањата на епидемиолозите за тоа дали и кога се виделе со Бајрам.