Дваесет евра ќе ве чини казната ако од денеска не носите маска на отворено, затоа што стапи на сила законот за оваа задолжителна мерка. Тоа значи дека може да не носите маска само ако се рекреирате, ако сте сам во возило или со некој од семејството со кого живеете под ист покрив, а не важи и за децата до 6 години. Не мора да носат маска и оние кои имаат специфични болести, за кои тоа би придонело за повеќе штета отколку корист.
Граѓаните, експресно реагираа со негодување дека мерката е претерана, а некои и дека нема да ја почитуваат:
-Нема логика на улица со маска, а во кафеана без, јас нема да ја носам, пишува Маја П…
-Може ли да ми објасните во што спаѓа прошетка на мајка со бебе во количка, во „казна за без маска на отворено’ или „рекреација“, и кој ќе го дефинира тоа? Полицаецот на улица во зависност од тоа колку е реасположен во моментот, или како?! Вие не знаете што правите!, напиша Слаѓана Н.
Дел и од лекарите се против маски на отворено. Тоа јавно го кажуваат инфектологот Вело Марковски и микробиологот Никола Пановски. Според нив воздухот во допир со флората на респираторните органи си има своја причинско – последична врска, пред и над се корисна, па оттука е штетно ако истата се спречува со маска.
Инаку покрај задолжително носење маска на отворено, задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за корона вирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од денот. Власта го повлече предлогот за забрана за групирање дома на повеќе од 4 луѓе.