Состојбите во образованието кои со години беа игнорирани и криени под килимче и тешките импровизации во организацијата на најважниот сектор од општ интерес сега излегуваат на површина во форма на акутни проблеми кои бараат брзи и функционални решенија, соопшти денеска опозициската партија Левица.
Во своето обраќање „Левица“ потенцира дека за жал и на штета на граѓаните на Македонија, власта нема ниту желба ниту капацитет да понуди такви решенија.
-Поради немањето на персонал, кадар, опрема и соодветни капацитети во здравството за соодветно да се менаџира состојбата со пандемијата, стапот, како и безброј пати досега, се прекрши од грбот на образованието. Децата, место во училишните клупи, почетокот на наставната година, со неоправдано задоцнување од еден месец, го почнаа од дома. Фамозната платформа пропадна заедно со еден месец од наставната година, на крај од септември, се потенцира во соопштението.
Оваа опозициска партија укажува дека министерката Мила Царовска не нашла за неопходно да понуди решение за очигледната техничка неподготвеност на огромен број ученици да следат настава од дома.
-Ним, ноншалантно, во манир на Марија Антоанета, им порача да следат настава на телевизија. Четириесет илјади деца од сиромашни семејства се најдоа надвор од системот за образование. Натаму, министерката не кажа ни збор за децата со пречки во развојот и нивните семејствата кои уште претходната година беа исфрлени од системот, иако на хартија целосно се вклучени. Каде се ветените образовни асистенти и на каков начин се планира овие деца да следат настава?, прашува Левица.
Во соопштението се додава дека на први октомври наставниците се најдоа исправени пред предизвикот на онлајн настава без соодветни обуки и без техничка подготвеност од страна на училиштата. Во замена на средства за работа, добија закани, уцени и притисоци самите да се снајдат и да си обезбедат технички средства за реализација на часовите.
-И, како тоа да не беше доволно, министерката Царовска најави дека во периодот кој следи планира да штеди на греење така што ќе ги испрати наставниците да реализираат часови од дома. Да не знаевме дека три години беше на функцијата Министер за труд и социјална политика, ќе помислевме дека никојпат не видела ниту еден член од Законот за работни односи во кој, со член 50, јасно е предвидено дека (став 5): „Работникот има право на надомест за употребата на своите средства за работа од дома.“ Но, што може да се очекува од министерка која нема изреагирано ниту за бришењето на химната од наставна програма по Музичко образование, како еден од симболите на државата утврдени со Уставот?, потенцира Левица.