Недоаѓањето на членовите од редовите на пратениците на владината коалиција е причина за денешното одложување на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика. Таа требаше да расправа по единствената точка на дневен ред „Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија“.
Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, информираше дека до почетокот на седницата не добил известување за спреченост од членовите на комисијата од владејачкото мнозинство и нивните коалициски партнери. На седницата, посочи тој, биле поканети и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– Сметам дека ваквото саботирање и избегнување за доаѓање на седницата на комисијата, само покажува дека тие не се заинтересирани да има заеднички национален став по однос на македонските интереси во спорот, кој што е наметнат од страна на соседна Бугарија, преку објаснувачкиот меморандум, изјави Милошоски.
Тој посочи дека на денешната седница на комисијата имал за цел да предложи гласање по предлог заклучок – за усвојување на резолуција што ќе го осуди објаснувачкиот меморандум од соседна Бугарија, како историски анахронизам, спротивен на европските вредности и самобитноста на македонскиот народ како дел од европската културна заедница и основна вредност за европска интеграција.
Комисијата има 12 членови и тоа Лолита Ристова и Сашко Николов од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП, Кастриот Реџепи од Беса, Соња Мираковска од НСДП, Ане Лашкоска, Тимчо Муцунски, Иванка Василевска и Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми и Арта Билали-Зендели од ДУИ и Сафије Садики-Шаини од Алтернатива.
Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ околу ова денеска изјави дека „не ја гледаат потребата дека Собранието треба да дискутира и одлучува за нешто што е факт“.
–Еве јас сум пратеник и треба да донесам одлука дали треба да дискутирам на таа тема. Јас сум Македонец и зборувам на македонски јазик и тоа е факт. Ако некој мисли дека во Собранието треба да се зборува за ова, тогаш најблаго кажано, се излажал. Очигледно во оваа нивна намера има и други цели. Прво не се израдуваа на членството во НАТО, сега прават се да го спречат патот на државата кон ЕУ, потенцира Митрески.