Државата ќе менаџира со приватните болници при справување со вирусот

Со прогласување на кризната состојба во Македонија има основ да се стават на располагање капацитетите на приватните клиники, болници и кадарот во нив. Се очекува брзо да се направи план за работа.

-За сите услуги кои приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе има компензирање. Не се работи за национализација, туку државата ќе се јави во улога на менаџер, рече претседателот Стево Пендаровски.

– Можно да се дојде во ситуација да требаат дополнителни ресурси, што значи дека во јавните здравствени установи ќе мора да се прекинат други интервенции освен итните. Тоа може да значи дека може ќе се вклучат и другите приватни ресурси, за што ќе им се компензираат трошоците до 30 проценти на приватните болници, објасни министерот Филипче.

Тој претходно рече дека во државното здравство се обезбедуваат максимални капацитети за смештај на заболените од корона вирусот.

-Два ката на Интерните клиники веќе се полни со пациенти, а третиот кат од утре ќе се стави во функција. Во ГОБ „8 Септември“ сега се пополнети 80-90 кревети, а повеќе ќе може да се обезбедат со запирањето на третман на други пациенти преку системот „Мој термин“. Се разговара и за сместување на пациентите во зградата на Хируршките клиники, објасни министерот.

Тој не одговори конкретно кога и како ќе оди сместувањето и плаќањето за лекувањето на пациентите на приватните клиники и дали пациентите приватно ќе треба да плаќаат остатокот од 30 проценти кои ќе ги компензира државата.

-Ќе имаме состаноци со правните тимови и денес утре ќе имаме и одговори на тие прашања. Нам сега ни се најбитни капацитетите за сместувањето на пациентите. Првпат се случува ваква ситуација, ќе ги анализираме сита закони, рече Филипче.

Премиерот Заев додаде:

-Во законот за кризна состојба се опишува што се плаќа со 30 отсто, како се враќа во првобитната сосотојба, таму е детално опишано. Владата носи правилник и подзаконски акти. Ова не е национализација туку само управување со сите капацитети во болниците, рече Заев.

 

 

Претходна вестЗаев: Најдоцна до утре ќе се прогласи 30-дневна кризна состојба
Следна вестФатени двајца крадци додека ограбувале возило во Скопје, признале и 18 други кражби