За време на Втората светска војна Бугарите биле администратори на почетокот, но потоа се приклучиле на антифашистичкиот фронт, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“.
-Имало некоја администрација во тој момент, на почетокот. Потоа Бугарија се дигна заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и неспорно е дел од антифашистичкиот фронт, рече Заев.
Во интервјуото Заев нагласува дека веќе се сменети повеќе од 20 табли во Македонија, на кои што пишувало „бугарски фашистички окупатор“ и вели дека Бугарите не се фашисти, туку нашите пријатели.
-Нашата историја е заедничка. Нека го почувствуваат тоа граѓаните на двете земји. Да го немаше Гоце Делчев, ќе мораше да го измислиме за да не обедини, вели тој.
На прашањето: “Србија преименуваше булевар во центарот на Белград затоа што Гоце Делчев бил Бугарин. Велејќи дека е Бугарин – дали Гоце Делчев е помалку Македонец?“ Заев рече дека нашата историја треба да да не обедини.
-Заради тоа што општата историја е заедничка и општа и таа треба да ја оставиме да не сплотува и двете страни граѓани и Бугари и Македонци да си ја чувствуваат за своја. Затоа што ако го немало Гоце Делчев требало да го измислиме за да не спојува. Затоа што историјата заедничка во еден минат регион на територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци кои зборувале македонски јазик, но живееле и Бугари кои зборувале бугарски јазик, живеел луѓе кои истовремено се чувствувале и Бугари и Македонци и тоа е апсолутно право, низ таа заедничка историја, ние двете страни треба да бидеме паметни и да ги градиме мостовите на пријателство и затоа зборуваме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, којшто се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се. И тоа е апсолутна реалност, рече Заев.
На прашањето дали македонската држава е подготвена да ја отвори оваа страница и луѓето во Македонија да разберат што се случува, Заев рече дека за историските личности од средниот век, како Цар Самоил, Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум рече, ги славиме заедно и мора да ги опишеме во учебниците.
-Учебниците и во Северна Македонија и во Бугарија се напишани на погрешен начин, смета Заев.
Македонскиот премиер понатаму вели дека политичарите од бивша Југославија ги држеле Бугарите и Македонците разделени.
-Задолжение е на сите граѓани, а најмногу на нас политичарите, да ги зближиме нашите народи, зашто долги години беа држени оддалечени еден од друг. Различни власти, посебно во времето на бивша Југославија. Но, ние треба да бидеме заедно, затоа што сме први соседи. Знаете, јас сум од Струмица. Петричани и струмичани зборуваат ист јазик, толку сме блиски. Тоа е македонски или бугарски јазик?, праша Заев и уште еднаш повтори дека Југославија нè разделувала.