Внатрепартиските превирања во СДСМ по скандалозното и контраверзното интервју на партискиот лидер Зоран Заев не стивнуваат. Од ден на ден расте бројот на видни членови на владејачката партија кои искажуваат свое отворено незадоволство од ставовите кои во интервјуто ги кажа Заев. На ова незадоволство сега се надоврзува и новото врзано со именувањето на поранешниот партиски лидер (кој потоа правеше и друга партија контра СДСМ) Владо Бучковски за владин претставник за Бугарија.
Дали сето тоа укажува дека во редовите на владеачките социјалдемократи се формира големо јадро на оние кои отворено се спротиствуваат на политиката која ја води лидерот и неговите најблиски соработници? Како одговор на ова може да помогне и синоќешното обраќање на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски од редовите на СДСМ кој жестоко реагира против ставовите и ангажирањето на Бучковски.
– Парафразирањето на Владо Бучковски дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави и повикот до нашите историчари да излезат од рамките на историографијата на поранешната држава (НОБ, АВНОЈ и АСНОМ) се чин на велепредавство, објави Димитриевски кој за Бучковски додаде дека е „човек кој во партијата се обидел идеологијата да ја замени со клиентелизам, лојалност и интриги“.
Вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов срамежливо се огради од тезата на Заев дека бугарската војска била администратор во Македонија.
-Јас немам двојба. Мислам дека никој нема двојба. Дури мислам дека можеби е погрешно протолкувано. Бугарската војска дојде во пролета 1941 година, како окупаторска војска и како таква до моментот на капитулацијата на Бугарија, септември 1944 година останала, рече Шилегов, сепак без да го критикува Заев.
Порешителна, неодамна беше функционерка на СДСМ од Кичево. Таа објави дека ја напушта партијата. Таа преку Фејсбук профил соопшти дека нејзините родители ја научиле на чесност и моралност, па затоа се одлучила на оваа одлука.
– Години наназад Општинската во Кичево пет до десет личности – Хиени ја парчосувале за свои лични интереси, а ние да речам обичните „коњи тркачи“ сме им служеле за да удобно се сместат во директорски функции, истакна таа.
Сето ова само се надоврзува на неодамнешните внатрепартиските конфронтации кои ги отвори поранешниот шеф на државата и долгогодишен лидер на СДСМ Бранко Црвенковски кој се огради од ставовите на Заев.
– Повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина, повика неодамна Црвенковски.
На ова се надоврзаа и други поранешни функционери. Екс-министерката за надворешни работи од редовите на СДСМ Илинка Митрева побара да се одржи вонреден конгрес.
-Има простор за вонреден конгрес во СДСМ. Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста, соопшти Митрева.
И поранешниот партиски потпретседател Зоран Јовановски реагира:
– Гледам ќе се казнувал говор на омраза против странски народи и држави. А, има ли казна за говор на омраза против сопствениот народ и држава?, прашува Јовановски.
Против Заев истапи и поранешен генерален секретар Андреј Петров како и поранешна пратеничка и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Софија Куновска.
-Оваа гарнитура продолжува со истиот идентитетски инженеринг, но во спротивната насока, трампајќи ги вистинските корени, со сосед со јасни вековни аспирации, за трговска зделка, напиша Куновска.
Од актуелните функционери градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ изјави дека „верува во искрените намери на Бранко Црвенковски и ги прифаќа неговите критики и сугестии“...
Што за сето ова мисли Заев? Негов дециден одговор – нема. Ќе заседава ли ЦО на партијата или пак ќе има вонреден конгрес како што смета дека треба, Илинка Митрева?
Владеачката партија влезе во период кога треба многу одговори да дава. СДСМ минатиот период (а и се уште) често му држеше лекции на ВМРО-ДПМНЕ дека треба да има внатрепартиска демократија. Дојде време да видиме колку таква демократија вирее во сдсмовскиот двор.