Пропишување на двојни дози на антибиотик, надвор од упатството за примена на лекот ниту лекарот смее да го предложи, ниту фармацевтот смее да го издаде во аптека. За жал тоа се случува секојдневно и масовно!, предупреди микробиологот Никола Пановски.
Тој во објавата на Фејсбук потенцира дека неговото неодамнешно предупредување за неразумното трошење на антибиотици во амбулантско лекување на Ковид – 19 предизвикало само млака или никаква реакција на надлежните.
-Решив повторно да се обратам тука, покрај предавањата до лекари и фармацевти кои ги одржувам онлајн. Секој лекар има право да предложи или пропише терапија по свој избор. Во однос на антибиотиците јас го кажав својот став, базиран на сите постоечки протоколи во светот. Ако лекарите сметаат дека има бактериска инфекција, нивно право е да пропишат антибиотик. Друго е што се пропишани по два лека на пациент, а во количини три пати поголеми од бројот на сите ковид позитивни !!!, укажа тој во објавата.
Во продолжението на објавата тој ги цитира деловите од упатството за употреба на Сумамед таблети од 500 мг наменето за пациентот потенцирајќи дека „дошол во состојба на лекари и фармацевти да го цитира упатство од лек“:
-Вообичаено и многу често „стандардно лекување“ на Ковид 19 во Македонија помеѓу другото е и Сумамед 6 дена, односно 500 мг на ден.
•Извадок од упатството за пацинетот
•Дозирање
•При лекување на инфекции на горни и долни дишни патишта, вкупната доза на азитромицин (Сумамед) изнесува 1500 мг, а се зема во тек на 3 дена (500 мг, еднаш дневно).
•Ако употребите повеќе од лекот Сумамед отколку што сте требале
•Ако по грешка сте земале поголема доза од лекот Сумамед, треба веднаш да го известите Вашиот лекар. Предозирањето со макролидни антибиотици се одразува на губење на слухот, силна мачнина, повраќање и пролив. Треба да се предизвика повраќање и што побрзо да се побара лекарска помош, потенцира во објавата Никола Пановски.