Македонската Влада информира дека Бугарија стави вето за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.
Со тоа, како што велат од Владата, Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Софија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
– Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија, велат од Владата.
Оттука се децидни дека македонскиот национален идентитет не бил, и не е возможно е да биде предмет на преговори, а потегот на Бугарија го оценуваат како неодговорна и тешка геостратешка грешка.
– Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот. Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска, наведува Владата во соопштение.