Определен е притвор за лицата кои беа фатени со 100 килограми марихуана во возилото. Имено, три лица од Блаце се фатени со марихуана спакувана во црни вреќи во багажникот и на задните седишта од автомобилот на патот Скопје – Велес.
-Осомничените на 15 декември на автопатот неовластено, заради продажба, пренесувале наркотична дрога марихуана во количина од 99,95 килограми. Дрогата била сместена во девет црни најлонски вреќи во багажникот и на задните седишта од патнички автомобил ‘бмв’. Овластени полициски службеници ги сопреле на наплатната станица, при што ја пронашле и ја одзеле марихуаната, соопшти Основното јавно обвинителство Велес, кое донесе наредба за спроведување истражна постапка против трите лица од Блаце.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз соизвршители заради попречување на истражната постапка и опасност да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување на мерката притвор против тројцата осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од 30 дена.
Инаку, претходно полицијата соопшти и повече детали околу откривањето на марихуаната.
-На наплатната станица Сопот на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници било направен обид да се запре автомобил „бе-ем-ве“ со скопски регистерски ознаки управувано од Ј.Б., а како сопатник бил неговиот брат С.Б. од село Горно Блаце. Но, возачот не застанал и се обидел да избега, при што оштетил полициско возило и срушил метален столб на Јавното претпријатије за државни патишта, се наведува во информацијата на МВР.
По дополнително преземени мерки, автомобилот бил запрен и при тоа уапсени двете лица, а при извршениот преглед во возилото и во багажниот се пронајдени вреќи во кои имало околу 100 килограми марихуана.
-Приведен е и М.И. од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата како т.н. „чистач“. При претрес во домот на Ј.Б. е пронајдена една полуавтоматска пушка, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава, соопшти полицијата.