Кој политичар прв ќе не излаже во Новата 2021 година?

Ете се откачивме од лошата 2020 година. Ќе се откачиме ли во тековната 2021 година од лошите работи во многу зависи од нас самите.

Има една работа која не зависи многу од нас, а не тиштете минатите 365 дена. Тоа се лагите на политичарите. Ги имаше многу и стануваат се подрски, поочигледни и што најмногу загрижува – лагите им стануваат секојдневие, начин на работа.

Кој лани беше шампион по лажење? Кој прв ќе не излаже во 2021 година?

Но, ајде да потсетиме на историјатот на некои од најголемите лаги во трите децении на независнот на Македонија. Се сеќавате како ветија во 1995 година дека ќе имаме праведна приватизација? Се сеќавате како во 1998 година во земјава ќе стасаат „милијарда долари од Тајван“? Се сеќавате кога беше ветено на изборите на 15-ти септември 2002 година „во секое семејство ќе има вработен член“? 

Има за редење многу, но да дојдеме до сегашните лаги:

– Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи паметот, дека мојот дедо, мојот татко, и мои пријатели, јас, мојот син и ќерка се Македонци родени овде, тоа не може да се случи. Не само јас, верувам дека нема ниту еден човек роден во Македонија подготвен да излезе пред парламент и да бара промена на уставното име на државата, велеше Заев.

И потоа, се смени и името, се смени и Уставот, се откажаа од делот од античката историја… се направи нешто што е спротивно на ветеното кое ни се гарантираше. 

Колку пати „добивме“ датум, кој беше потврден од македонскиот политички врв? Дури и фотки се правеа во авиони со дигнати палци. И? Добивме датум?

И од опозицијата има бисери иако поретко оти се опозиција. Да потсетиме дека потпретседател на најголемата опозициска партија, неодамна на ВМРО-ДПМНЕ и ја припиша заслугата за реакцијата на Словачка и на Чешка по бугарското вето и обидот да се стават нови услови во преговорите за членство во ЕУ.

– ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период активно работеше со земјите од Вишеград 4 – Словачка, Чешка, Посла и Унгарија – за да спречат условот историја да влезе во заклучоците на ЕУ, рече тој.

Но, веднаш дојдоа и деманти од министерите за надворешни работи на Словачка и на Чешка…

Да не ги набројуваме безбројните изјави на многуте македонски политичари кои или првпат слушнале за торбата на Боки 13, или дека тие не знаат дали член на нивното семејство се бави со ова или она, па до тоа дека ќе изгради тунели под Кале, дека…

А ако почнеме да ги набројуваме и лагите од Брисел и ЕУ упатени пак до нас во Македонија… ќе ви го уништиме првиот ден од годината. Вака обично одеа тие лаги- само уште ова да го направите и ќе добиете датум па брзо ќе станете дел од европското семејство – ние многу сакаме да сте дел од ЕУ. И така со децении…

Значи, многу, многу лаги. Или нежно (политички коректно како тие што сакаат) кажано многу неисполнети ветувања. 

И еве така дојдовме до 2021 година. Надежите на сите нас граѓаните се дека оваа година нема да бидеме лажени. Да ги спречиме да лажат не можеме. Но, може во новата година уште помалку да им веруваме. Лажговците полудуваат кога никој не им верува и ги игнорира. А инаку, краен лек за лажговци се изборите, а оваа година ќе има локални…

 

 

Претходна вестИ последниот ден од 2020 со многу сообраќајни прекршоци
Следна вестВо ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 35 пациенти