Власта најави нов градежен бум. Овој пат ќе гради нови патарини. Предвиделе дека треба следниот месец да почне изградбата на двете нови патарини на автопатот Скопје – Штип. Едната патарина е пред Св. Николе, а другата малку по одминување на овој град.
На таа кратка делница од Скопје до Штип ќе има три патарини и ќе чинат 160 денари. Во пракса тоа ќе изгледа од прилика вака: Додека по првата патарина тргнеш и смениш со менувачот до петта или шеста брзина – веќе си на втората патарина. Па пак одново…
Зошто запнаа на секој чекор да прават патарини? Ова е прашањето кое си го поставуваат скопјани.
-Градењето е скапо и го плаќа народот, а потоа и партиски луѓе ќе се натуркаат таму да работат кои треба плата да земаат пак од народот…, да не зборуваме дека патувањето станува прескапо и со многуте патарини не тераат да си седиме дома – нов вид на карантин, ова се дел од реакциите на граѓаните.
За некои работата тргнала во правец на сеопшто градење патарини во Македонија:
-Дали патарини ќе постават и на „Партизанска“ во Скопје?, прашува скопјанец.
Но, настрана шегата. Власта нели често патува во Бугарија овој период? Па не виде ли дека таму наместо патарини има вињетки? Ниту има застанувања по патот, ниту има можност да се возиш бесплатно уште од самиот влез во државата. За да стигнеш само до Благоевград или Петрич што е неколку километри од границата, по обичен пат, плаќаме вињетки, а тие можат да возат до Кочани, Штип, Струмица, Крива Паланка, Куманово… без да платат ништо – оти ние патарини имаме само по главните авто патишта. Инаку, слично со вињетки е во Словенија, во Австрија… па нели тие ни се примерот за се?
А за високите цени на патарините ич не треба да коментираме. Стануваат поскапи отколку горивото што ќе се потроши до саканата дестинација. Ама ќе има за плати на „среќниците“ што ќе ги вработат на наплатните рампи. Се разбира и за по некоја дупка да закрпат – повремено.