Наскоро, конечно, еве уште малку… вака последниве денови се најавува отворањето на новиот „Дино парк“ во рамките на скопската Зоолошка градина. Како што се наближува отворањето, така се поинтензивно е најавувањето и тоа од се повеќе страни. Сите градски институции најавуваат остварен проект, настан…
Скопскиот градоначалник вчера на својот профил на Фејсбук во објавата порача дека во паркот ќе може да уживаат сите оние кои што сакаат авантури
-Конечно и кај нас ќе може да се сретнат очи во очи со диносаурусите, со застрашувачкиот Т-рекс, со големиот Трицератопс и многу други…“.
Со најавите не заостанува ниту Зоолошката градина која се пофали дека ова ќе биде Дино Паркот со најмногу диносауруси на Балканот – вкупно 41 во природна големина.
-Дино Паркот во Скопје почна да се гради во октомври 2019, а ќе биде отворен многу скоро. Во тек се финалните подготовки, а за отворањето ќе ве известиме, најавија од скопската Зоолошка градина.
И претходните денови си имаше разни најави, па дознаваме, па…
Навистина е добро да се направи и таков парк во Скопје. Но, уште колку ли јавни најави ќе има пред да дојде денот за отворањето? Уште колку ли наслови по порталите ќе прочитаме за настанот кој ќе дојдел?
Се чини како отворањето на паркот за кој што се потрошени 325.000 евра, пари на скопјани, да станало главен настан во градот. Се чини толку е голема помпата како да се најавува дека во Скопје ќе донесат жив диносаурус…
Но, за скопјаните се важни и многу други проекти кои чекаат да бидат направени и кои беа ветени од актуелните градски власти. На листата на тие нереализирани проекти има околу триесетина објекти за кои е прашање дали до истекот на мандатот ќе се направат. Но, за тие објекти нема вакви силовити најави.