Да се дојде до вакцини против опасниот вирус денеска е многу тешко. И згора на тоа, како што јавува МИА од Брисел – ниедна служба на Европската комисија не е во можност да даде одговор кога западниот Балкан може да ја очекува ветената поддршка за вакцинација.
Портпаролските служби во Европската Комисија стојат на изјавата на претседателката Урсула фон дер Лајен, дадена за МИА пред две недели, дека „што поскоро“ треба да се остварат ветувањата за помош со вакцини за Македонија и регионот.
Конфузијата и тензиите што владеат во ЕУ околу стратегијата со вакцинирањето очекувано се одразува на ветената помош за најблиското соседство како што е западниот Балкан.
И покрај сите повици на европската извршна власт за солидарност во ЕУ и со земјите надвор од ЕУ, за сега рокови нема. Очигледно сега зборот – солидарност, не е популарен.
Многу најавуваниот механизам за помош на земјите со низок и среден приход, Ковакс, не се очекува да стане оперативен пред летото…