Водно треба да се штити со посебен закон, а не со одлуки

На омиленото излетиште на скопјани – Водно не му е доволна заштита да биде прогласено за заштитено подрачје туку треба да се штити со носење на посебен Закон за Водно, изработка на просторен план за планината и друго, една е од пораките кои се слушнаа на денешната јавна расправа околу Нацрт Одлука за Прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V– заштитен предел

Одлуката е предложена од Министерството за животна средина а екологистите и експертите укажаа дека со оваа одлука под превезот на заштита на природата ќе се овозможи уште поагресивна изградба на нови содржини. Површината на идното заштитено подрачје на Водно ќе биде речиси 4.000 хектари, од кои зоната за строга заштита ќе има 276,3 хектари или 6,9 отсто од вкупната површина на заштитеното подрачје. Зоната за активно управување е најголема и зафаќа 52,3 проценти од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во зоната за одржливо користење влегуваат 1.532 хектари, околу кои се протега заштитен појас.

-Водно треба да биде заштитно, а не заштитено подрачје. Затоа што основната функција на Водно му е безбедноста, заштита од порој и поплави, рече Македонка Стојановска, универзитетски професор.

Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ потенцира дека со тоа што ќе биде прогласено за заштитено подрачје Водно нема да ја има потребната заштита.

-Да биле земени забелешките на граѓанските организации уште на почетокот од овој процес, до сега тој закон ќе беше на сила. Самиот градоначалник Петре Шилегов пред две ипол години се залагаше за ваков закон, но очигледно се откажа, потенцира таа во денешната расправа.

Инаку, Стојановска во интервјуто кое во утрешниот број го објавува “Скопско ехо“ наведува дека е неопходен посебен закон.

-Ние инсистиравме, а искрено и градоначалникот Шилегов изјави дека на Водно му е потребен специјален закон за заштита. Акт за декларирање на категоријата на природната вредност на Водно сигурно не е тоа. Потребен е закон кој ќе ги задржи границите на заштитена зона од минатото, дефинира начините на справување со нелегалната претходна урбанизација и строго ќе забрани нарушување на тоа што е останато од веќе премногу начнатите зелени појаси на Водно. Lex specialis, ветен од Градоначалникот,  но заборавен под наплив на амбициите за популаризација и профит, наместо заштита, објаснува во интервјуто Стојановска.

Претходна вестНајнова најава за инвестиции: Две фирми би вложиле 300 милиони евра во Македонија
Следна вестЛичните документи да ги добиваме по пошта?