По примерот на повеќе земји, во Македонија со вакцината на „АстраЗенека“ ќе се вакцинираат лица под 65 годишна возраст, изјави на денешната конференција за печат д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација. Грозданова објасни дека странските искуства укажуваат дека оваа вакцина не е ефикасна кај популацијата постара од 65 години.
-Тоа не значи дека оваа вакцина е штетна, туку дава помалку ефект кај постарата популација, потенцира Грозданова.
Според распределбата на Ковакс механизмот, во Македонија до јуни треба да пристигнат 103.200 дози од вакцината на „АстраЗенека“.
На истата прес-конференција Жаклина Чагаровска од „Мој Термин” рече дека следната недела се очекува да се објави веб-страната што ќе биде од информативна природа.
-Таа ќе го содржи делот за пријава, односно за изразување на интерес за вакцинација, информира Чагаровска.
Таа објасни дека кога веб-страната ќе биде достапна, пријавувањата можат да започнат веднаш.
-Апелот е всушност за првата група граѓани, над 70 години кои со пријавување и анкетирање од страна на матичните лекари, но и на веб-страната ќе дадат подобра и поточна информација за да може да се планира и другиот дел од системот. Зборуваме за интегриран систем каде што ќе се следи цело време евиденцијата на вакцинацијата, количините кои се трошат, пријавувањето на пациентите. Кога ќе завршиме со првата критична група, односно возрасни лица над 70 години да започнеме веднаш со анкетирање на втората група, оние од 65 до 70 години, додаде Чагаровска.