Државната матура како да не може без проблеми. Откако се загуби доста време во бојкотот на наставата бидејќи средношколците не можеа да се договорат со министерката Мила Царовска деновиве се соопшти дека се постигнал компромис. По вклучувањето на пратениците и средбите со премиерот се нашло решение во моделот кој бил применуван за матурата од 2007/08 до 2012/13 учебна година со полагање на 4 испити (2 екстерни и 2 интерни) и проектна задача. Денеска и Државниот матурски одбор на онлајн состанок го прифати компромисното решение, а во наредните денови Одборот ќе треба да подготви нова предлог концепција.
-Со ваква концепција не се нарушува квалитетот на матурата, се задржува стандардот, и е во интерес на сите матуранти, соопшти Државниот матурски одбор.
На решението да се полагаат два екстерни и два интерни испити на матура претходно се согласи Сојузот на средношколци. Меѓутоа, на ова денеска се спротивстави втората средношколска асоцијација Среднишколски глас. Таа соопшти дека компромисот постигнат од страна на Сојузот на средношколците е политички инструиран и неприфатлив.
-Иако се претставија како гласот на сите средношколци, оваа одлука ја донесоа во затворен круг и без консултации со пошироката средношколска јавност. Договорот кој го постигнаа најверојатно по партиска наредба не е ништо освен дополнително потценување на средношколците. Се залагаа за кратење на испитите но ништо не се исполни. Новиот концепт не го намали материјалот или бројот на испитите. Останува прашањето со кое право Сојузот на средношколци го прифати овој концепт во име на сите средношколци?, велат од Средношколски глас.
Од Средношколски глас ги повторија нивните барања – да се намали бројот на испититите на 2 екстерни и проектна задача и да се организираат дополнителни часови за дообучување поради неквалитетната онлајн настава. Во текот на утрешниот ден преставници на Средношколски Глас до надлежните институции ќе поднесат барање за прием.
-Бараме во најкраток рок да бидеме примени од страна на надлежните, за да разговараме за концепт кој ќе биде прифатлив за сите средношколци. Ние средношколците нема да се откажеме од оваа битка, отпорот ќе почне со посериозен отпор доколку нашите барања не се исполнат, порачаа средношколците.
Од друга страна и Сојузот на средношколците соопшти дека има и три дополнителни услови за целосно прифаќање на компромисот: формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот, наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот и зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.