Кралицата на ромската музика во Македонија и светот, Есма Реџепова ќе добие улица или по неа ќе биде именуван некој скопски објект. Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на листата на имиња на улици, која ќе опфати плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на градот. Предлогот е да биде дополнета постоечката листа со уште 571 имиња, меѓу кои – покрај Есма се и Леб и сол, Мизар, Лева патика, Медена земја…
Додека дел од скопјани се воодушевени од идејата на Градот, другиот дел жестоко удрија по локалната и централната власт.
-За наследството на Есма се води судски спор меѓу нејзините деца, а додека се чека судската разрешница, куќата која треба да е музеј се распаѓа. Обрасната е во трева, ограбена и наполно испразнета!
-Како не ви е срам за улица да зборувате, да си билдате популизам, а куќата што требаше да биде музеј и туристичка атракција за странците, ја оставивте да гние? – се само дел од коментарите.
Колку за потсетување, по нејзината смрт, кога беше отворен тестаментот, во него целиот свој имот таа и го остави на Република Македонија. Во меѓувреме, во обидите на нејзиното семејство сепак да го делат, куќата остана на милост и немилост на времето. Надлежните никогаш не го овековечија споменот за неа во музеј.