Преземените активности во последните три години не ги дадоа посакуваните ефекти во намалување на загадувањето на воздухот, утврдил Државниот завод за ревизија во извештајот за спроведувањето на препораките од Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на успешност од 2017 година за квалитетот на воздухот.
-Со ревизијата утврдивме дека од десет препораки, една е спроведена, три се во тек на спроведување, четири се делумно спроведени и две препораки не се спроведени, се вели во извештајот.
Ревизорите исто така, констатираат дека надзорот и контролата се на ниско ниво, а сè уште многу мал дел од буџетските средства на централно и локално ниво се издвојуваат за реализирање на мерките содржани во планските документи, поради што тие во најголем дел остануваат неспроведени.
Како уште еден проблем се посочуваат и недоволните средства кои се издвојуваат за борбата против загадувањето и недостигнот на соодветен, постојан и стручен кадар, поради што мониторингот за спроведување на мерките се врши нередовно и нецелосно, односно ад хок и по барања од засегнатите страни (ЕУ, медиуми и граѓанскиот сектор).