Прогласувањето на омиленото излетиште на скопјани како „заштитено подрачје од V-та категорија“, очигледно нема да биде доволен начин за негова заштита. Тоа на свој начин завчера го потврди и Министерството за животна средина кое објави дека иницира дополнителни консултации за заштита на Водно.
-Дополнително во однос на дел на забелешките од јавната расправа кои се однесуваат на други аспекти на заштита започнува дополнителна консултација и координација на техничко ниво со други релевантни државни институции согласно нивните надлежности, вклучително и Град Скопје како предлагач на иницијативата, заради обезбедување на интегрирана заштита на подрачјето. Фокусот на консултациите ќе биде за прашања поврзани со: Планот за управување со поплави и заштита од ерозии и порои, Планот за одгледување и заштита на шуми, со урбанизацијата, со просторниот план и слично, изјавија од МЖСПП.
Наспроти ова, претставници на 38 невладини организации во текот на јавната расправа упатија и барање до Владата да се обезбеди сестрана заштита на Парк Шумата Водно со посебен закон.
-Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, која бараме да се стопира, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40 проценти од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти. Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која не дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град… Можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!, стои во писмото на здруженијата и иницијативите.
Засега од Владата нема најави дека таа планира да се донесе посебен закон за заштита на Водно. Ќе се бара решение заштитата да се зголеми преку плановите. Но, дали тоа е доволно, дали плановите се посилни и поделотворни од законите? Всушност, главното прашање е: се има ли намера вистински да се заштити Водно или се прават само „планови“ како ќе се заштити кога ќе почне да се штити, некогаш…?