Савевски: Кире Лазаров мора да влече и кратокорочни и долгорочни потези

Новиот македонски ракометен селектор Кире Лазаров го чекаат многу задачи и предизвици, вели во интервју за „Скопско ехо“ Љубомир Савевски, поранешен македонски селектор.

 Како го доживувате изборот на Кире Лазаров за селектор и во каков момент тој доаѓа и каков предизвик е за него ова функција?

 Лазаров беше во центарот на сите успеси на репрезентацијата како играч-лидер-матица на тимот. Во односот репрезентација – Лазаров секогаш имаше заеднички интерес. Репрезентацијата со голема помош на Лазаров играше во континуитет на сите првенства во последните десетина години. Лазаров преку репрезентацијата влезе во историјата на светските и европски првенства како најдобар стрелец, рекорд кој во блиска иднина тешко некој да го надмине. Тој однос продолжува и сега со неговото назначување селектор-играч (чинам прв од таков вид).

Тој доаѓа во момент кога практично сме пласирани за следното ЕП 2022 (ке биде доволно и пораз од 1 гол со Швајцарија во Скопје на 02.05.2021). Секоја промена на селектор по правило носи позитивни промени кај играчите особено сега кога доаѓа човек кој е најзаслужен за сите досегашни успеси. Предизвик голем, затоа што  секогаш е гладен за успеси. Во мојата тренерска кариера не сум сретнал играч (личност) кој така ментално и физички целосно се посветува на целта: – паметно ги одбираше клубовите (иако имаше и подобри финасиски понуди) – работеше со врвни тренери (акумулира големо знаеење) -20 години се надградуваше (техничко-тактички, физички, но и теоретски).

Секако дека за него е голем предизвик сето акумулирано знаење и искуство го пренесе во средина во која е докажан, а во исто време е и идол на сите репрезентативци, кое во голема мера ќе го олесни почетокот на неговата тренерската кариера. Останува да се види како ќе се снајде во улогата на играч – селектор која е експериментална, дискутабилна и раритетна, но ние подобар избор во моментот немаме.

 Какви се потези според Вас, од сега па натаму би требало да повлекува Лазаров како селектор?

 Потезите ќе мора да бидат краткорочни и долгорочни. Краткорочни (за 2 месеца): Користење на сите постоечки играчи што се на располагање за подобрување пред се на одбраната и успешно завршување на квалификациите за ЕП 2022.

Долгорочни (за 4 години):1.Како да најдеме решение да веќе постоечките репрезентативци бидат главни носители во своите клубови, да се делува да изборот на нивни клубови, не да биде висината на трансферот, туку повеќеминутно играње (со поголема минутажа ќе напредуваат многу побрзо како и нивните трансфери во иднина). Многу пријателски натпревари на репрезентацијата.

2.Реорганизација на начинот на работа со сите помлади селекции

3.Квалитетен стручен штаб (кој ќе работи секојдневно посебно со помладите селекции).

Претходна вестВистинска ли е владината желба да се заштити Водно – вистински?
Следна вестПо три години судење: На 26 февруари пресуда за прислушувањето