Им треба ли курс за средување на документација, па барем вакцините на „Фајзер“ и „АстраЗенека“ да стигнат?

По повлекувањето на авансот за набавката на кинските вакцини „Синофарм“ сега е сосема неизвесно кога во Македонија ќе стасаат околу 200.000 договорени вакцини од Кина. Надлежните тврдат дека испораката сепак ќе се случи во наредниве денови, но и до сега имаше такви најави па не се случи вакцини да пристигнат.

Несредената докумнентација пак се појави како проблем кој одново ќе го одложи стартот на поширока вакцинација на населението. Така беше и со доставувањето на донираните 8.000 вакцини од соседна Србија што доцнеше пак поради несредената документација.

Очигледно е дека нешто чкрипи кога е во прашање работата на административните служби кои треба да ги завршат правните формалности околу договорите за набавка на вакцините. За такво нешто имаше доволно време, но и покрај тоа пак се повторуваат пропустите. Да не треба да одат на курсеви за правење документација? Некаде во хотели, десетина дена, со шведски маси…?

Но, ако сме сериозни тогаш се наметнува само едно прашање: За набавка на кинеските вакцини пропустите ќе се поправаат деновиве, но дали нашите административци се подготвени за прием на вакцините „АстраЗенека“ кои беа најавени за во овој период? Нашата земја треба да добие минимум околу 36.000 дози тукму во овој период како дел од предвидената испорака на околу 175.000 дози преку Ковакс-механизмот. Дали за ова е уредно подготвена правната документација треба сериозно да се провери? Исто како што треба да се проверат сите правни работи околу набавката на околу 800.000 вакцини на „Фајзер“.

Нови пропусти, нови грешки во договорите никому не му се потребни во овој период кога ни се заканува нов бран на корона вирусот кој покажува дека битката ни од далеку не е добиена.

Претходна вестПрв мартовски ден пол со сонце, но и слаб северен ветер
Следна вестПочна првата фаза од пописот, ќе има ли бојкот?