Премиерот Зоран Заев попладнево од собраниската говорница побара пратениците да гласаат доверба на Владата.
-Ред е да се соочиме и расчистиме, да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе покажеме пред граѓаните колку има вистина од опизицијата, да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција. Мора да е едното од двете ако не и двете заедно, рече Заев пред пратениците.
Заев се повика на член според кој за неговиот предлог се гласа на истата седница, без дебата, а не на членот кој предвидува три дена дебата пред гласањето.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека е поздравување тоа што премиерот ја става Владата на контрола, но му забележа на начинот на кој тоа го побара.
-Немавте храброст да дозволите три дена расправа, да ги кажеме сите аномалии на Владата или бегате од јавноста да не излезе дека немаме вакцини, дека имаме најголема смртност од ковид, да избегате од сите корупциски скандали на Владата…, рече Мицевски.
И Алијанса за Албанците исто така имаше забелешка на начинот на кој бара да биде изјаснувањето, истакнувајќи дека власта сака да скрие дебата за сите злоупотреби во овие 4-5 месеци, посебно истакнувајќи ги тука правата на Албанците, за кои рече дека биле прекршени.