По брза постапка иницирана од премиерот Владата вчера ја одби довербата од 62 пратеници. Тоа, како што рече Зоран Заев, било одговор на најавите на опозицијата дека работи на ново парламентарно мнозинство и дека тоа ќе биде создадено во скор период.
Сепак, резултатот од гласањето покажа дека опозицијата до вчера не успеала да обедини повеќе од половина од пратениците за да се изгласа недоверба на Владата и да се отвори пат за нови парламентарни избори. Сега се наметнува прашањето: дали навистина најголемата опозициска партија имала согласност од пратеници за ново парламентарно мнозинство, дали тие подоцна се повлекле или, пак, тоа беа само невистинити најави.
Приказната за ново парламентарно мнозинство тргна пред неколку недели, главно, преку изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на потпретседател Александар Николовски. Таа се совпадна и со неможноста на владината коалиција да собере кворум од 61 пратеник за да одржи некоја собраниска седница за да се изгласаат повеќе закони. Освен ова, се случија и низа бранувања во редовите на владината коалиција, како и негативни рангирања на нашата земја од меѓународни организации.
-Се надевам дека не очекувате сите тие со кои што преговараме и јавно да излезат. И да кажат каква ќе биде постапката за уривање на владата. И да кажат да ние сме тука и ќе бидеме глинени гулаби за машинеријата и инструментите на Зоран Заев за притисок и уцени и.т.н. Сигурно не сме ниту тие ниту ние доволно наивни. Да почекаме ќе покаже времето што доаѓа наскоро дали јас сум бил во право или пак некој друг бил во право, изјави тогаш Мицкоски зад кого стоеја 58 пратеника, три помалку од потребните за владино мнозинство.
Опозиционерот делуваше многу сигурно, но дали одредени пратеници од владеачкото мнозинство го лажеле Мицковски дека ќе се приклучат на новото мнозинство?
Во тој период, пак, се случија серија бранувања во редовите на владината коалиција. Партијата за движење на Турците ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш, а пратеник на оваа партија Енес Ибрахим не ја исклучи можноста „за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор“. Оваа партија на конгрес ќе одлучува дали ќе остане во коалиција со СДСМ. Напоредно со ова, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов веќе неколку пати во последнен период има различни ставови од владината коалиција. Тој јавно кажа дека му е неприфатливо внесувањето на етничкиот идентитет на граѓаните во личните карти, а е незадоволен и од справувањето со корупцијата.
-Македонија е високо криминилазирано општество, рече тој деновиве по поразителниот извештај на „Транспаренси Интернешенл“.
И поранешната лидерка на коалицискиот ДОМ Лиле Поповска, која има силно влијание во оваа партија, во последен период е критички настроена. Таа жестоко реагира на етнички лични карти, на проекти за мали хидроцентрали, на тоа како се решава проблемот со Бугарија… Брзо потоа партиската лидерка Маја Морачанин најави самостојно делување во парламентот и настап на локалните избори.
Самостојно парламентарно делување најави и ЛДП, како и Павле Трајанов… Сето тоа зборуваше дека има поместувања во парламентарно мнозинство иако од тие партии изјавуваа дека „ќе ја поддржуваат Владата“.
-Денеска имаме 58 пратеници, а утре имаме 63. Другиот ден, пак, сме добиле уште еден пратеник, а сме изгубиле двајца. Работите се менуваат на дневна основа, брифираа деновиве од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Но, резултатот од гласањето покажа дека вчера мнозинството на пратеници било на страна на Владата. Што е причина за тоа, дали имало притисоци врз незадоволните од Заев или самите „незадоволници од парламентарно мнозинство“ се премислиле иако претходно му ветувале на Христијан Мицкоски, е непознато.
Мицкоски вчера прокоментира дека Заев ја искористил состојбата на негова изолација поради корона вирусот. Но остана да лебди дилемата, некои пратеници го манипулирале Мицковски за правење ново мнозинство или пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ манипулирал?