Задутре, во четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Хипноза“ на кој како солистка ќе настапи пијанистката Марија Ѓошевска. Диригент е Антони Вит, а на програмата се Серенада за дувачи оп.7 од Штраус, Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Сергеј Рахмањинов и Серенада за дувачи од Карлович.
Концертот за пијано и оркестар бр. 2 премиерно бил изведен на 9 ноември 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена. Овој концерт,всушност, му ја „вратил“ назад музичката кариера на Рахмањинов, по неуспехот на неговата Прва симфонија.
Рихард Штраус имал 17 години кога ја напишал „Серенада за дувачи“ во 1881 година.
Антони Вит, инаку добитникот на „Греми“ е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Еден од последните негови ангажмани е снимањето каталонска музика, како и дебито во Индија со Националниот симфониски оркестар.
Нашата Марија Ѓошевска, пак е една од најистакнатите пијанисти во Република Македонија.
-Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека, во нејзината личност, македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност, ќе напишат организаторите во најавата за настанот.