До крај треба да се провери пишувањето на италијанскиот весник „Ла верита“ околу набавката на кинеските вакцини, изјави синоќа македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Во интервјуто за ТВ21 тој рече дека случајот треба да се испита од сите агли.
–Значи се што знам, знам од тоа што весникот го објавува и има мала дилема околу кредибилноста на весникот, може сум грешка меѓутоа не би одел кон тоа. Значи, секој медиум или социјална мрежа кога објавува нешто треба со должно внимание да го претресеме тоа прашање до детали, зошто не можеме да кажеме ти не си кредибилен и овие другите само ќе ги слушаме. „Ла верита“ треба да се провери до крај и при тоа, плус од тоа што тие го објавуваат денеска во второто продолжение, а објавуваат и документи од таа коресподенција, со некои кинески компании, односно компании од Хонг Конг и со кинеските официјални институции, Министерство за надворешни работи и плус имаме информација од министерот за здравство кој кажува зошто тоа е направено, откако им било предочено од кинеското МНР дека тоа не е патот кој треба да се оди, тие се враќаат назад и го враќаат тој капар, рече Пендаровски.
Претседателот вели дека неговите информации се оние кои ги добива од медиумите бидејќи тој не е надлежен да ја бара кореспонденцијата на министерот за здравство во врска со набавката на вакцини.
Италијанскиот весник, познато е, вчера објави и две писма од македонскиот министер за здравство Венко Филипче испратени до кинескиот производител на вакцини „Синофарм“ а во која коресподенција била вклучена и фирмата „Старби интернешнл“ од Хонг Конг. Во едно од писмата компанијата, односно Кина, се ослободува од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината.
Во интервјуто Пендаровски откри и како одела комуникацијата со компанијата „Фајзер“, лани во декември, околу набавката на нивните вакцини.
-Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши. Рекоа дека во овој момент имаат побарувања од држави со стотици милиони жители, рече Пендаровски кој додаде дека системот „Ковакс“ потфрлил.