Останаа многу горливи прашања околу заштитата на Водно и ќе видиме дали воопшто е можно да се решат со носење на Одлуката, колку и да е таа видоизменета, соопшти денеска граѓанската асоцијација Го сакам Водно. Оваа организација, кој во изминатове години активно се бори за заштита на омиленото излетиште на скопјани, дава свое видување на средбата која ја организирала Владата со активистите за заштита на Водно. Премиерот Зоран Заев и министерот за животна средина Насер Нуредни примија делегација на претставници на повеќе граѓански организации од сферата на заштитата на природата и животната средина, предводени од организациите „Го сакам Водно” и „О2″, како и повеќемина експерти од оваа област. По средбата Владата соопшти дека со одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје ќе биде предвидено запирање на урбанизацијата во подрачјето на Водно до донесување на Планот за управување.
Од Го сакам Водно наведуваат дека „останува да го видат финалниот текст на Одлуката кога ќе биде готова и да се борат за вистинска, интегрална заштита на Водно“.
-Експертизата ги даде сите аргументи зошто на Водно му е потребен закон, дадовме и ние… Ама… Министерството ќе ја менува Одлуката, ќе се обиде да ја доближи до изнесенети аргументи. Па откако ќе ја испрезентитра, повторно средба, соопштуваат од оваа организација.
Тие укажуваат дека на дискусијата останаа отворените прашања за правната издржаност на Одлуката за заштита на дел од Водно од 5-та категорија, зошто во постапката за носење е прекршен член 95 од Законот за заштита на природата, по кој се носи оваа Одлука. Останаа отворени и прашањата за гаранциите дека Водно ќе биде заштитено, како ќе се изработи Просторен План кога има правен вакуум по тоа прашање и нема постоечки Закон за просторно планирање.
-Прашањето за урбанизација на 40 отсто од површината на Водно остана да виси како Дамоклов меч врз Водно, со искажани заложби дека нема да се гради доека не се донесе Планот за управување, но што тогаш? Дали зонирањето ќе се промени? Дозволените нови градби од тип на хотели, ресторани, кампови, домување, патишта, канализации, инфраструктура, како ќе се регулираат?, прашуваат од Го сакам Водно.