Андов: Порано и не разденуваше во парламентот само за да дојдеме до решение, а сега…

Причина за сегашната нефункционалност на парламентот треба да се бара во непопустливите партиски ставови и во отсуството на желбата да се дојде до компромисни решенија, вели за „Скопско ехо“ Стојан Андов, поранешен претседател на македонското Собрание.

Како гледате на актуелната блокада и нефункционалност во работата на парламентот?

– Очигледно е дека се има нефункционалност која се должи на неколку причини. Основна е таа што кај партиите и пратениците нема желба да се носат заеднички одлуки. Наспроти ова, се инсистира само на свои ставови, свои решенија. Практично, непопустливите партиски ставови и отсуството на желбата да се дојде до компромисни решенија стојат зад сегашната парализа. Со ставот дека само јас сум во право уште долго време немаме да имаме функционален парламент.

Кога јас го водев првиот плуралистички парламент и оној во 2001 година, сите партии, сите членови на парламентот не водеше силна желба да дојдеме до заеднички и компромисни решенија. Многу пати се случило и да не раздени во парламентот каде што сме заседавали за да дојдеме до компромисот. Но, не водеше желба да најдеме решение, да покажеме дека е можно заеднички да се договориме.

Сега таква желба ја нема. Дури се користи и Деловникот за да парламентот не работи цела ноќ, туку до одреден период во денот. Ние тогаш свесно го тргавме Деловникот во страна за да работиме на решенијата. Сега тоа не е случај.

 Како да се излезе од оваа блокада?

-Треба да се работи по цели ноќи, по цели денови… Само на таков начин може да се надмине сегашната нефункционалност. Пратениците се таму да наоѓаат решенија. За да нема решение не треба многу време, за пет минути ќе се види дека не е можно. Основно е, пак велам, дали има желба за заеднички решенија. Тоа не го гледам сега.

Дали можат да помогнат вонредни избори?

-Мислам дека не би помогнале. Некои наведуваат дека би добиле двотретинско мнозинство, би освоиле многу пратенички места, но мислам дека не се во право. Резултатот од изборите пак би бил тесен и пак би дошле во слични ситуации. Треба да се смени сегашната филозофија на партиите дека само тие имаат апсолутно право, а другите не.

Претходна вестЗа три години намалена е затворската казна на осудените за убиството на Никола Саздовски –Саздо
Следна вестВо ковид-центрите се лекуваат 1.427 лица, слободни уште 270 кревети