Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска побара утре пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже седница за четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба, нагласувајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат „за“, бидејќи не сакаат вината за лошото менаџирање со кризата да падне на нивен грб, а граѓаните бе смеат да бидат жртви, на како што вели неспособната Владаа.
-Тие закони се во собраниска процедура уште од февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и помешаните приоритети. И втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од истите на кои поважно им беше да се пофалат дека имаат поддршка од 62 пратеника, која во овој момент ја немаат, и да го покријат фактот што ги потрошиле парите во буџетот па мораа дополнително да се задолжуваат, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Се работи за Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради корона вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход, кои се на дневен ред на 36.седница, но поради немање кворум, таа е одложена.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја обвини опозицијата дека уценува за кворум, во услови кога владејачкото мнозинство има минус двајца пратеници кои се во изолација поради ковид.