Тешка машина за чистење на улици и тротоари пропадна денеска во партерната фонтана на плоштадот „Македонија“ откако гранитните плочки не можеа да ја издржат нејзината тежина. Повеќе плочи се искршени, а на местото на превртувањето на машината е создадена голема дупка.
Единствено добро во целиот овој инциден е што, како што се дознава, немало повредени лица.
Инаку, да потсетиме: пропаѓањето се случило блиску до местото на кое пред четири години, во јуни 2017 година, пропадна камион. Градежните екипи тогаш ја анагажираа механизацијата за правење на голема бина на плоштадот неменета за пречекот на ракометарите на Вардар по освојувањето на европскиот трон. Пропаѓањето на камионот откри дека плочките кои ја прекриваат партерната фонтана за чија изведна беа потрошени 2,5 милиони евра, не можат да издржат поголема тежина.
Оттаму, прашање е зошто и натаму се дозволи движење на механизацијата по оваа површина кога се знае дека таа е лесно кршлива? По овој случај, очигледно, ќе треба да се смени режимот на движењето по фонтаната која и често се расипува, а и некој треба да сноси одговорност што не извлекол поуки од минатиот инцидент.
Зарем треба да се направи ограда висока три метри околу фонтаната за никој повторно да не пропадне?
Додека ја вадат тешката машина од дупката, на лице место се излезени припадници на МВР за да ги утврдат околностите под кои се случил настанот.