Со хеликоптер на МВР во Прилеп денеска од Скопје допатуваа премиерот Зоран Заев и министерите за здравство и за труд и социјална политика Венко Филипче и Јагода Шахпаска. Зошто толку големи трошоци се прават? Вака реагираа граѓаните на информацијата. Реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
А, денеска премиерот во регионот на Прилеп и Битола присуствува на официјално пуштање во употреба на новиот 400/110 киловатен трансформатор во станицата „Битола 2“, на отворањето на модуларна болница и на почеток на работите за изградбата на детска градинка во Прилеп. Запрашан од новинарите дали пристигнале со хеликоптер, Заев одговори:
-Да, со хеликоптерот на МВР, Јас, министерот Венко Филипче и Јагода Шахпаска, рече кусо Заев во Прилеп.
Реакциие на граѓаните беа бурни на социјалните мрежи.
-Вучиќ не имунизира, Филипче си лета со хеликоптер, коментира една корисничка на Твитер.
Од Владата официјално објаснија дека причината за користење на хеликоптерот на МВР е поврзана со обврските и агендите на премиерот и министрите и потребата од рационализација на времето.
-Причината за користење на ова превозно средство е поврзана со обврските и агендите на премиерот и министрите и потребата од рационализација на времето, со цел секој од нив на време да ги заврши планираните теренски обврски и на време да може да се врати во Скопје за редовните владини и кабинетски обврски. Денешните летови се во рамки на обврските за задолжително исполнување работни месечни часови кои согласно стандардите важат и за пилотите и за леталата, изјавија од Владата за порталот „Плусинфо“.
Навистина, мораше ли толку да се брза и за сечење ленти да се користи хеликоптер?