На 96-годишна возраст вчера почина научниот советник, еминентен лингвист, почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и последен македонист од првата генерација на професорот Блаже Конески, Трајко Стаматоски.
Тој е еден од основоположниците на македонската ономастика и основач и долгогодишен раководител на првото и единствено Одделение за македонска ономастика. Се јавува како еден од тројцата автори на „Речникот на македонскиот јазик“ во три тома (1961 – 1966) под редакција на Блаже Конески и како редактор на „Речникот на презимињата кај Македонците“ во два тома (1994 и 2001). Како еден од основачите, со години редовно настапува со свои излагања на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид и на научните конференции во неговите рамки.
Има работено како лектор-уредник и началник на Програмското одделение на Радио Скопје (1946–1954), преведувач во Танјуг (1947–1948) и соработник (1954–1986), раководител на Одделението за ономастика (од основањето во 1966). Има остварено студиски престои во Полска (1958) и Чехословачка (1961). Бил уредник на списанијата „Литературен збор“ (1961–1976), „Ономастика југославика“ (1969–1982), „Македонски јазик“ (1970–1984) и основач и одговорен уредник на списанието „Македонистика“ (1977–1985). Бил претседател на Друштвото на преведувачите на Македонија (1955–1956), претседател на Советот за македонски јазик, секретар на Друштвото за македонски јазик (1956-1958), секретар на Македонскиот славистички комитет (од основањето 1968–1988) и претседател на Сојузот на славистичките друштва на Југославија (1979–1982).
Автор е на повеќе книги и околу 500 стручни и научни прилози. Меѓу позначајните дела на Стаматоски се: „Градскиот тетовски говор“ (1956–1957); „Речник на македонскиот јазик“ во три тома (1961, 1965 и 1966 – коавтор со Тодор Димитровски и Благоја Корубин, во редакција на Блаже Конески); „Графискиот систем во Македонија во 19. век, (1970); „Борба за македонски литературен јазик“ (1986); „Македонска ономастика“ (1990); „Речник на презимињата кај Македонците“, том I и II (1994 и 2001 – коавтор и редактор); „Кон ликот на Блаже Конески“ (1995); „Шведско-македонски речник“ (1995); „Континуитетот на македонскиот литературен јазик“ (1998); „Македонско-англиски речник“ (1998); „Јазикот на имињата“ (2000 – коавтор со Маринко Митков); „Во одбрана на македонскиот литературен јазик“ (2001); „На ономастички теми“ (2002); „Мислата на Блаже Конески“ (2006).
Стаматоски, како виден општественик, до крајот на својот живот беше претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОВ и продолжувачите, претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ поврзана со животот и творештвото на Блаже Конески, почесен претседател на фудбалскиот клуб „Вардар“, а пред тоа долгогодишен член на вардаровото раководство.
Тој е роден на 6 мај 1925 година во Скопје. Стаматоски беше долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје (1973 – 1986). Дипломира на Филозофскиот факултет, во првата генерација на групата Македонски јазик во 1950 година. Целиот свој работен и животен век го посвети на проучувањето на македонскиот јазик на повеќе научни рамништа и на неговата промоција во светот. За својот особен придонес во науката, избран е за почесен доктор по филолошки науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добитник е на највисоките државни и општествени награди.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Советот за македонски јазик при Владата и Македонскиот славистички комитет велат дека неговите следбеници во научната работа уште многу години ќе се навраќаат на извонредната бистра и крепка научна мисла на професорот Трајко Стаматоски, а на заедничките средби ќе ја повторуваат неговата позната порака: „Вистинскиот научник не се пензионира, останува да твори до крајот на животот.“