Конечно матичен лекар во Шуто Оризари – заинтересирана е приватна поликлиника

После шест неуспешни обиди да се најде матичен лекар во поликлиниката во Шуто Оризари, денеска се пријавила приватна Поликлиника која планира закуп на ординацијата, соопшти попладнево Министерството за здравство.

Со ова треба да се реши проблемот со матичен лекар во оваа скопска општина, каде околу 4.000 возрасни пациенти, како и околу 1.200 деца од оваа општина се без примарна здравствена заштита.

Проблемот почна минатата година со заминување на една матичка лекарка во пензија, а на почетокот на годинава заминаа уште две од кои едната работеше со деца. Секој матичен лекар, кој работи во поликлиниката има околу 2.500 до 3.000 пациенти и нема простор да прими дополнителни пациенти. Но и тие се пред пензионирање што значи дека за кратко време може да останат и без нив.

Здружението на граѓани Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје на крајот на минатиот месец алармираше дека проблемот со немање матичен лекар е особено изразен сега, во пандемија, поради тоа што ниту можат да се прегледаат, ниту да закажат тестирање.

Тие се разочарани што оваа поликлиника матичните лекари ја доживуваат како казна и затоа нема заинтересирани и покрај огласите за концесионери, на кои никој не се пријавува.

Од Министерството за здравство исто така соопштија дека е завршена и набавката на опремата за гинеколошката ординација за оваа општина, што беше уште еден голем проблем за жителите.

Претходна вестИЈЗ: За една недела дури 27 отсто повеќе починати од ковид од претходно
Следна вестЕМА за „Астра Зенека“: Тромбозата да се вклучи како можна нус-појава од вакцината