Колумна на Владимир Величковски:
Небото и земјата заболеа, а луѓето се збунети и исплашени, на граница на издржливост. Во партизирана држава правда има само за богатите, оние кои можат да потплатат секого и да ја добијат својата правда и право да прават што сакаат. Никој, од тие „горе“ на сака да го слушне „гласот на народот“, оние „долу“, затоа што е немоќен и замолчан. Што им се случува на децата? Тие слушаат за неправда, криминал и општ грабеж. Кога поетот Рембо можел да се храни со тврди парчиња леб, што ги вадел од ѓубре зошто тоа да не го прават и децата од нашата средина!? Тие питачат и може да бидат изложени нанасилство, некој ако посака може и да ги купи?!
Продолжуваат непречено неконтролираните и експлозивни процеси на урбанизација кои го уништија Охрид, но зошто толку го мразат и Скопје? Последиците од оваа дивеење најмногу ќе ги почувствуваат децата и внуците. Нив ги чека нов експеримент наречен „голема реформа“ во образованието или самобендисана изјава: училиштата за време на ковид-пандемијата се во „апсолутно стабилна состојба“. Слушнавме: некој си издајствувал право паркиралиштето спроти „Холидј ин“ да го насели со висококатници за да го дозагуши центарот на градот. Друг пример: покрај комплексот спортски терени на кејот (кај Карпош 3) има ливади кои „плачат“ за висококатници. И тоа ќе го направат.
Дневниот партиски активизам е неуморен, мора нешто конкретно да се реализира, без оглед колку е бесмислено. Така почна да се демонтира една од непловечките бетонски „галии“ на Вардар, и тоа значело почеток на враќањето на „здравата естетика“ на градот, израз кој не знам што значи. Што ќе сторат повиканите и нивните анонимни советници со целиот тој урбан крш од проектот „Скопје 2014“, штетен и од еколошки аспект? Некој се досетил, задоцнето и помпезно да објави дека ќе биде обновена запуштената пошта од големиот пожар, дел од Телекомуникацискиот комплекс, и како требало да знаеме дека станува збор за значајно културно наследство. Никој, притоа, не кажа ниту збор како другите објекти ќе ги ослободат од кич антиквизирачките фасади и како мислат од тој тесен простор да ја истргнат толку насилно вметната катна гаража Солунски конгрес?
Еден гради, друг руши, а на помош повикуваме познати стручни лица од странство: народот, секако, тоа го плаќа. Некои, од интелектуалците, од кои може да се очекува и по некој мудар совет упорно одработуваат за „својата“ партија. Некој напишал, метафорично: таткото му предава лепешка на синот, а тој чин се повторува понатаму.