Со возило на Итна медицинска помош дојде, а со скафандер влезе во македонскиот парламент пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска која иако позивитна на Ковид-19 ќе присуствува на собраниска седница.
Претходно, таа на својот профилна ФБ најави дека има намера да дојде на седница за да обезбеди кворум за одржување на седницата посветена на усвојувањето на петиот пакет на економски мерки на Владата.
-Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна Кови-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив, напиша на Фејсбук Костадиновска-Стојчевска.
На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.
Ваквата постапка на пратеничката предизвика и рекации кај опозициските пратеници. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на прес-конференцијата предмалку во Собранието, заедно со сите пратеници рече дека не отстапувааат од овој став, денеска да се гласа само за петтиот пакет антикризни закони. Мицевски потенцираше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се во Собранието и ќе бидат во салата на 36-та седница, но не и на претходната.
-Овие закони можеа да бидат донесени уште во четвртокот, но поради тврдоглавоста и инаетот н власта тоа не се случи, рече Мицевски.
За намерата на пратеничката Костадиновска Стојчевска тој рече дека таков протокол не постои и дека тоа значи дека ќе го пратениците ќе го прекршат законот и ќе го загрозат јавното здравје. Обвини дека владеачкото мнозинство води борба за медиумско внимание.
-Таков протокол не постои, барем ние досега немаме видено, меѓутоа, во државата постои законска регулатива којашто важи за сите граѓани во којшто спаѓаат и пратениците. Очекувам дека нема да се дрзнат да го загрозат здравјето и безбедноста на граѓаните. Владеачкото мнозинство води борба за медиумско внимание, на сметка на граѓаните кои не примиле помош. Како да ги убедиме граѓаните да ги почитуваат мерките, кога пратениците од СДМС и ДУИ ги кршат и мерките и законите за да ги задоволат апетитите на нивниот пи-ар, рече Мицевски.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев уште вчера најави дека ако пратениците од власта заразени со вирусот Ковид-19 се појават во Собранието тој ќе поднесе кривична пријава за биолошки тероризам.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вчера соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум. Од СДСМ вчера најавија и сценарио со кое ако постигнатиот договор на нивниот лидер Заев со Села и со Гаши за Законот за државјанство не придонесе за нормализирање на работата на Собранието, тогаш ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид да бидат донесени во салата и да учествуваат во работата со скафандери.
Собранискиот спикер, Талат Џафери остана на ставот дека прво треба да се изгласаат законите од 32. седница, па потоа антикризните мерки. И ВМРО-ДПМНЕ не попушта и вчера соопшти дека ќе учествуваат само на седницата на којашто треба да бидат изгласани мерките од петтиот пакет. Владејачкото мнозинство најави дека ако нема кворум, заразените пратеници од нивните редови ќе дојдат со скафандери. Пратениците од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вчера изразија спремност, да обезбедат кворум за 32. седница ако власта да не може, иако потенцираа дека не го разбираат однесувањеот на Талат Џафери.