Министерството за образование е одлучно дека од следната школска година само учениците до трето одделение ќе учат од традиционални учебници, додека останатите од четврто до деветто ќе имаат електронски учебници. За тоа ветуваат дека овој пат ќе обезбедат макар „таблети на реверс“ – како што најави министерката Мила Царовска.
Голем дел од родителите се веќе гневни заради проблемите кои излегоа од онлајн наставата оваа цела година и половина од минатата. Не веруваат деака сите деца ќе бидат еднакви, оти оние кои сега немаат електронски уреди за следење на наставата, нема ни да имаат:
-Вие не им набавивте таблети на тие деца кога требаше, оваа и минатата година, допрва ќе им набавувате?! Кој ќе им ги надомести изгубените години оти немаат како да следат настава?!
-Зарем децата треба да учат од компјутери, што ќе се случи со нивниот вид?
-Реформирате козметички, не суштински, не се почнува со реформа од електронските учебници! Врз основа на кои анализи го правите сето ова?! – реагираат родители на социјалните мрежи.
Тие порачуваат дека мора да има комбиниран модел, а не целосно да се изземат начините на досегашно учење. Дали и оваа реформа ќе помине без да се чуе гласот на оние кои се први на удар за да им ги обезбедат средствата на своите деца?