Мицкоски и Пендаровски си кажаа кој бекнал кога било потребно

Вербално препукување меѓу лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицскоски и претседател на државата Стево Пендаровски се случи вчера по потпишувањето на указот за прогласување на контроверзно донесените закони од страна на македонскиот парламент.

Мицкоски го обвини Пендаровски дека не реагира кога е најпотребно и дека само ги извршува наредбите на премиерот Зоран Заев.

Следниот пат наместо да плачете на медиуми зошто сме лидери според корупција, криминал во Европа, додека балкански нарко босови шетаат со македонски пасоши и марихуана е главен бизнис во државата, бекнете нешто, зошто ни ја снемува државата, му порача Христијан Мицкоски на Пендаровски во објавата на Фејсбук.

Тој додаде дека ќе следува одговорност за сето ова.

-Еве го бекна, ама не само што бекна туку и потпиша се што му нареди стопанот. Сакаше да биде сатиричен, а испадна смешен. Претседателе Пендаровски погледајте го моето последно интервју дадено во петокот и ќе слушнете грмење не бекање за националните теми меѓу која и таа измислената што ја споменувате да го исперете криминалот, корупцијата и срамот на стопанот. Грмење за тоа што ја доведовде Македонија во подредена положба заедно со стопанот. Што се однесува до времињата кога една партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија можам да Ви кажам добредојдовте во 2021 година, или да бидам попрецизен денес не партијата на власт туку вашиот стопан е полицаец, обвинител и судија. Одговорност ќе има, порано или подоцна, јас Ви ветувам!, стои во објавата на Мицкоски.

Во дополнување на објавата тој наведува дека е добро што Пендаровски барем ги потпишал законите за помошта на граѓаните и стопанството, а не само тие од 32. седница.

Мицкоски претходно најави дека пратеничката група на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои, како што наведе, вчера го прекршија законот, и го повика претседателот на државата да застане зад правото и Уставот.

Од Кабинетот на претседателот на државата пак порачаа дека граѓаните најдобро покажале што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години.

–  Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози, потенцираа од Кабинетот на шефот на државата.

Претходна вестПопладнево се очекува пристигнување на 10.000 вакцини во Македонија
Следна вестПарите или топката се најважни во новоформирана фудбалска Суперлига?