Колумна на Никола Тасев:
Сите држави во регионот се растрчани во барање и привлекување на странски инвеститори. Во Македонија се растрчани да вработуваат луѓе, кои ги претставуваат како економски промотори кои ќе донесат инвеститори. Сега, кога веќе требаше инвеститорите да се во земјата?
Многу светски гиганти ни беа наведувани – ветувани како веќе влезени во Македонија со едната нога, ама еве чекаме да стапне и другата, но ја нема… Поизвесно е дека и едната нога се повлекла назад.
Зошто? Зошто во Македонија нема странски инвеститори и нови инвестиции? Да не има нешто што ги одвраќа од кај нас?
Оправдувањата дека е светска криза не држат, гледаме дека во Србија влегуваат и јапонски и кинески и Руски и ЕУ инвестиции.
Од што бега еден инвеститор? Од нејасни правила и од корупција!
Во Македонија секаде има тарифи за услуга под рака, во судовите, на различни шалтери низ целата држава работа регуларно не можеш да завршиш без „тарифа”. А тие тарифи како се оди нагоре во системот на власта се се повисоки и повисоки.
А додека тоа се случува Владата промовира „нулта толеранција за корупцијата”! И претходната Влада го промовираше истото. Но, и претходната…
Во праксата и по толку години, сите тие заложби за борба против корупцијата остануваат само на хартија, со мали исклучоци, обично „поттикнати” од странците, како што беше, верувам, најновиот случај со поранешниот владин генерален секретар. Просто не сум убеден дека нашите органи ќе преземеа нешто, ако некој од страна не им потшепна дека „човекот претера”.
Но, дали со апсењето на еден висок владин функционер заради корупција ќе и се замачкаат очите на јавноста и ќе се прати јасна порака до инвеститорите – дојдете ние немаме корупција? Секако не! Треба да се копа подлабоко и се подлабоко додека не се искорени од највисоките врвови на системот.
Во НАТО влеговме со надеж дека во Македонија ќе влезат инвестиции, нови средства, позитивна енергија… но, навиките за коруптивно управување не се сменија. Епа тоа го гледаат инвеститорите.
Оттука и се присетувам на разговорите со мои пријатели од различни странски компании и инвестициски фондови, како години наназад им ја промовирам Македонија како идеално место за инвестиции, за да ги привлечам, па наместо во Албанија, Србија или Косово да инвестираат кај нас, но се уште во ушите ми одѕвонуваат нивните одоговори: „Привлечни се субвенциите, прифатливи се трошоци за плати, Македонија е преубава држава, народот е домаќински, но кај вас владее каубојско право, а политиката и системот ви се корумпирани. Не е проблем да инвестираме, но проблем е ако треба некому да дадеме мито 20 или 30 отсто за да тргне бизнисот.”
За жал ова е реалноста, партиите кои се менуваат на власт во последните 20 години, иако се промовираа како борци против корупцијата, не оставија впечаток дека сериозно пристапуваат кон овој проблем. Таа ќе се искорени само ако против неа се вклучат луѓе кои имаат знаење и искуство, независно си ја работат работата и немаат „путер на главата”, наместо во првите борбени редови да се поставуваат високи партиски функционери.
Корупцијата не е проблем настанат од оваа Влада, но таа наместо да ја искорени – има функционери кои ја проширија и надградија, затоа и имаме болест што го јаде општество, ги одвраќа странските инвеститори, ги обесхрабрува домашните…
Иако ги слушаат изјавите и ги читаат извештаите и соопштенијата на странските пријатели – нашите стратешки партнери, како да не ги разбираат. Или им одговара(ше) да не ги разбираат.
Последиците од отсуството на борба против корупцијата се прескапи и за економијата и за граѓаните. Да не чекаме странците да ни ја решаваат! А ако минатите власти немаа посветеност за оваа борба, секој ден на актуелната и на сите идни власти треба да им започнува со таа обврска.
Ако не биде така, инвеститори ќе гледаме само со двоглед од граница како работат во соседните држави.