Колумна на Владимир Туфегџиќ:
Скопје е до таа мерка деформирано и демолирано што ниту една нова градба не може повеќе да го нагрди. Тоа ти е исто како на ауто со дупки од корозија да му ставиш браници од Mерцедес, останува исто ружно. Скопје го уништуваат во континуитет 25 години луѓе кои во овој град гледале само свое место за живеење или преспивање, личен профит и ништо повеќе, претежно од понеделник до петок. При тоа се гледало секој новокомпониран градежник да изгради нешто во облик на “трло” во кое ќе се соберат сите “негови”.
Скопје го уништија луѓе кои никогаш не го почувствувале скопскиот маалски дух и не играле,
– баскет пред зграда,
– сервис пред зграда,
– фудбал пред зграда,
– џамлии на “мор” пред зграда,
– ластик пред зграда.
Скопје го уништија луѓе кои немаа маалски милицаец, луѓе на кои не им ваделе ѕивани од точак и не им бушеле фудбал како казна за играње во трева. Скопје го уништија луѓе кои немаа совесни, доблесни и досетливи комшии кои ги имаше мојата генерација и кои за да ги заштитат од кршење новонасадените дрвца и цвеќиња, ставаа ливчиња на кои пишуваше ” кој го пипне дрвцето и цвеќето ќе му умре мајка”.
Токму поради ваквата досетливост овие дрвца во Карпош кај “Симпо” и во стар Аеродром, каде што го поминав детството и младоста, денеска се високи преку 20 метри.
Скопје го уништија новокомпонирани квази граѓевинци кои склучуваа договори за изградба во кои они вложуваа добра воља, а другата страна пари за да на крај се биде нивно и да станат угледни газди кои подоцна добија и политички амбиции. Скопје го уништија луѓе кои наметнаа архитектонски стандарди, кујна и дневна споено во едно, за да подобро се осети мирис на сарма, праз и запршка од подрум до поткровје во сите станови.
Како и да е вината е кај скопјаните како врста во изумирање и затоа новиот “еколошки комплекс”, во кој очигледно ќе се усели новата ” Центарска елита”, не може дополнително да ја наруши грдата слика ниту да ја намали омразата кон Скопје.