Гоце Делчев ги храбреше партизаните, а и нас денес

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Оваа недела одбележуваме два значајни датуми од историјата на македонската револуционерна и ослободителна борба – 118 г. од погибието на Гоце Делчев и 76 г. од Победата над фашизмот. На оваа тема, нема место за бугарски мистификации и варијации!

Георги (Гоце) Делчев е најзначајната личност на македонското народно и ослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Делчев е првоборец, кој знаел кои се вистинските потреби на Македонија во конкретното време и на народот за слобода и за економски-културен развој и негово подигање  „како нација“. Или како што самиот тој истакнувал: „револуцијата во свеста, срцето и душата на еден ропски народ, знајте, дека е највелика задача“! Затоа нему најмногу и му прилега епитетот основоположник на Македонската револуционерна организација (МРО).

Неговото загинување во серското село Баница на 4 мај 1903 г., е резултат на многу заинтересирани фактори за негова елиминација поради она што претставувал – независно македонско ослободително движење. Тука би можеле да се споменат бугарските, грчките и османлиски интересенти. Не случајно, поетот Н.Ј.Вапцаров пишува: „Вината беше туѓа и другому тежи, сто тона одговорност“.

Делчевата биографија е пространа историја на македонската народна низина, која во народната меморија, во нашата непишана историја, секој Македонец, иако честопати неграмотен, ја учел од постарите, од нивните прикажувања, од песните што ги пееле покрај семејното огниште или на домашните веселби.

Гоце Делчев останува запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на македонскиот народ, негов организатор, водач и заштитник. Неговото име е особено популарно во народноослободителната борба, како инспирација и поттик на новите генерации. Го носеле некои партизански чети, одреди и бригади (Битолски партизански одред „Гоце Делчев“, 1942 г.; Бригадата „Гоце Делчев“, 1944 г.), а присутно е и во документите на АСНОМ, особено во Манифестот.

Значајно е да потсетам, дека во антифашистичката војна (1941/45), македонскиот народ се вклучи, без да се плаши од тогашните моќни политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија. Тој правилно оценил дека тоа е токму оној момент кога може да го оствари својот стремеж за посебна држава и меѓународно признавање на неговата посебност, идентитет и јазик. Македонците беа единствените од просторот Кралството Југославија кои без ничија помош успеаа да се изборат за слободата и независноста! За разлика од другите, овде ниту српски, ниту југословенски, ниту руски, ниту американски војници не дојдоа на помош.

Во основата на македонското партизанско движење беше идејата за македонска национална независност, еве ја повторно Гоцевата определба. Затоа одбележувајќи ги овие два датуми – 4 и 9 Мај се сеќаваме и оддаваме почит на единствениот македонски херој – Гоце Делчев и на македонските борци антифашисти кои загинаа борејќи се за слобода и независност – македонска.

Но, нашата современа генерација, не само што ги има гоцевите идеи туку тие треба да и бидат и начин како да се живее и делува за Македонија.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Загреб за 794.052 евра купил противпожарно возило кое Шилегов го платил 1.723.621 евра
Следна вестПак пили вриштат, а многугодишни соборени дрвја пиштат во Аеродром