Парична казна добила лекарка од Србија која без лицeнца извршила царски рeз во битолската болница, а двајца гинеколози кои тоа и го овозможиле се казнети со условни казни. Ова е епилог на случајот кој во јануари годинава презивика голем внимание во јавноста откако се дозна за овој случај.
Казните се изречени откако тројцата осомничени лекари ги признале делата и се спогодиле со Основното јавно обвинителство од Битола кое го водеше случајот.
Првоосомничениот гинеколог кој е сопруг на српската лекарка се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, а со спогодбата добил казна од 8 месеци затвор која нема да се изврши ако во рок од три годни не стори ново кривично дело. Вториот гинеколог, осомничен за злоупотреба на службената положба, се спогодил на затворска казна од три месеци која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново кривично дело. Лекарката од Србија, која се гонеше за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, добила парична казна од 1.000 евра. Српската лекарка одбегна да одговара за кривичното дело „надрилекарство“ бидејќи првиот циклус на студии и бил признаен од нашето Министерство за образование и наука, односно, академски назив доктор на медицина. Претходно, Комисијата на Клиниката за гинекологија од Скопје и дозволиле таа дел од турнусите во траење од 12 месеци да ги врши тука и да ѝ биде признаена специјализацијата која ја стекнала на Универзитетот во Белград. Таа имала и положено специјалистички испит по гинекологија и акушерство на белградскиот Медицински факултет и и било дозволено да обави дел од турнусите во траење од 12 месеци по што ќе и биде признаено специјализацијата по гинекологија и акушерство како да е стекната во РСМ.
Обвинителството во истрагата утврдиле дека гинекологот од Битола кој ѝ е сопруг на лекарката на 1 јануари годинава ја повикал сопругата, да изврши царски рез. Другиот гинеколог од битолската болница, пак, не ја спречил туку дозволил таа да учествува во зафатот. Дополнително на 4 јануари, гинекологот – сопруг на лекарката во службената книга во која се внесуваат податоци за извршени оперативни зафати отстранил четири страници, а во новоотворениот оперативен дневник внел невистините податоци.