Град Скопје пред малку даде појаснување – демант на дел од информациjaта објавена на нашиот веб портал „Скопско Ехо“ со наслов „Зошто Шилегов молчи за обвинувањата дека субвенции за инвертер клими се делеле по партиски клуч?“. Демантот го објавуваме во целост:
– Во оваа сторија се цитира дел од писмо од лице со име Стојан К. од Ново Лисиче, кој тврди дека поднел документација за субвенции за инвертер клима уреди, но не добил субвенции. Сакаме да ги демантираме овие информации и да ја информираме јавноста дека во до Град Скопје, во рамки на јавниот повик за субвенциите за набавка на инвертер клима уреди во 2020 година, во рамки на неусвоените барања, немаме апликант со наведеното име од наведената општина (Аеродром). Согласно евиденцијата имаме баратели кои се со исто име, но од други општини и истите се усвоени. Целата постапка минатата и оваа година се одвиваат транспарентно, каде Град Скопје редовно преку соопштенија и апели, ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат за субвенциите, стои во демантот од Град Скопје.
Добро е што Градот се огласи за случајот со субвенциите. Инаку, „Скопско ехо“ во споменатиот текст пред се пренесе јавно соопштение на Советничката група на ВМРО ДПМНЕ, која тврди дека од увидот што го направила во документацијата на делени субвенции, но и од дојави од граѓани виделе дека се делени субвенции на жители во строгиот центар на градот. Како пример ги посочија улиците Македонија, Народен фронт, Никола Кљусев и околните улици, иако тоа се улици и региони каде жителите користат парно греење, а не греење на дрва.
Овие и други наводи Град Скопје не ги демантира, туку само посочувањето на наш читател од Ново Лисиче кој преку интернет ни напиша дека поднел комплетна документација за субвенции, но му рекле дека други биле побрзи и тој нема да добие субвенции.