Во знакот на кадровските комбинаторики денеска ќе се одржи 26. конгрес на владеачката партија СДСМ на кој ќе се избираат новите состави нa партиските тела. Поради епидемиолошката ситуација конгресот ќе се одржи онлајн. Според најавите, денеска треба да се изберат 120 нови членови на Централниот одбор и девет членови на Надзорниот одбор, со мандат од 4 години. Централниот одбор е највисок орган на СДСМ меѓу два конгреса, а листата ја предлага партискиот Извршен одбор и раководството на партијата врз основа на пристигнатите предлози од 80-тина општински организации. На 21-ви март годинава Заев беше реизбран за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепариски избори и по што фокусот на нови кадровски решенија сега се насочува кон останати партиски тела и функционерски позиции.
Најинтересно прашање се води околу тоа дали во партијата и натаму ќе има функција заменик-претседател и кој би ја обавувал откако Радмила Шеќеринска најави свое повлекување од таа позиција. Партиските извори наведуваат дека во игра се и двете опции: да се предложи ново кадровско решение и да се укине таа функција, а за тоа ќе реши лидерот Заев. Неофицијалните партиски извори како можен наследник на Шекеринска ја посочуваа Сања Лукаревска, актуелната директорка на УЈП. Напоредно со ова, како можни наследници на актуелните потпретседатели Коста Петров и Мухамед Зекири се спомнуваа Фатмир Битиќи и министерот за здравство Венко Филипче. Кандидати за овие функции ги предлага претседателот на партијата.