Ширењето на корона вирусот во последниов период е намалено. Тоа го покажуваат и секојдневните податоци кои ги објавува Министерството за здравство. Вчера, на пример, од 2.557 тестирања имало само 62 нови случaи, завчера од 4.196 тестирања имало 112 новозаразени лица, на 14 мај од направените 1.658 тестови се забележани 30 нови случаи, а на 13 мај од направени 2.598 тестирања регистрирани се 123 нови случаи на Ковид 19… Истовремено, се помал е и бројот на починати лица.
Микробиологот Никола Пановски во изјавата за „Скопско ехо“ вели дека тоа се должи на четири работи.
-Првата е колективниот имунитет кај активното население. Се смета дека 60 проценти од активното (подвижно) население има антитела. Второто е резултат на доскорешната мерка со која беа затворени угостителски објекти, а третата и четвртата причина се врзани за топлото време и за вакцинацијата која што се повеќе се спроведува, ни вели Пановски.
Тој додада дека со зголемениот опфат на вакцинација и со топлото време, очекува да бројот на новозаразените и натаму да остане низок.
-Очекувам и тоа смртните случаи да не одат над 10 дневно во јуни, и не над 5 по први август. Ако не не нападне некој нов мутант отпорен на нашиот имунитет, и есента треба да е мирна, предвидува Пановски.